Skip to Content

Резултати од пилот-акцијата

Конечни резултати од акцијата - 1.374 волонтери, 1.153 метри кубни отпад на 52 пункта во 6 општини. Отприлика по 1кубен метар на еден волонтер - браво, браво за сите учесници! Огромна благодарност на сите кои помагаа на терен - особено Црвениот Крст на Македонија, волонтерите на PeaceCorps, Бујрум и ЦЕС центарот, Комунална Хигиена, Комуналните претпријатија во Сарај, Дојран, Струга и Липково, војниците, извидниците, учениците со своите наставници и директори, општинските работници, претставниците на Дирекцијата за спасување и заштита и Центарот за управување со кризи, полицијата и Брза Помош. Благодарност и до локалните координатори за одлично извршената работа минативе месеци! :-)

И додека земаме здив од оваа акција - не застануваме - ве каниме да го искористите убавото време и да ги одбележите сите останати „црни точки“ во вашите соседства, шуми, планини и рамнини, насекаде низ Македонија - тоа е на ред да се чисти наесен.

Среќен ти ден, драга Плането! :-)

 

Да се фатиме за метла!

Во пресрет на Денот на планетата Земја, ве повикуваме на пролетна акција која ќе се одржи на 21 април во општините Кисела Вода, Дојран, Струга и Сарај; и на 22 април во општина Липково. Овие пилот-акции се почеток на кампањата за расчистување на дивите депонии „Македонија без отпад 2012“, со која Македонија се вклучува во светската акција за чистење на отпадот Let's Do It! World 2012.

Доколку сакате да учествувате во акцијата, сè што треба да направите е да се регистрирате на овој линк и да ја одберете општината каде сакате да се вклучите во акцијата.

Повикајте ги и вашите пријатели да се вклучат во акцијата – сите се добредојдени. Откога ќе се регистрирате – поединечно или како водач на група – ќе бидете известени по меил за местото на средба и регистрирање, a ќе добиете и инструкции и безбедносни упатства кои треба да ги споделите со членовите на вашата група.

На 21 Април во 9 часот дојдете на вашето место за средба – регистрацискиот пункт, каде ќе ви бидат поделени инструкции за чистење, мапа на одбележаните локации отпад, вреќи и ракавици за чистење. Потоа ќе бидете поделени во групи и со водичите можете да се упатите кон одбележаната локација.

Да направиме нешто убаво за себе и природата.
Ајде!
 
 

Ајде Македонија!

Те покануваме да се вклучиш во акцијата за расчистување на дивите депонии и отпадните локации, како и за подигање на свеста за правилно третирање на отпадот во Република Македонија. Оваа глобална акција ќе се одржи во околу100 земји ширум светот во текот на 2012 година.

Идејата за акцијата потекнува од „Let's Do It!“ – граѓанска иницијатива која започна во 2008 година во Естонија, кога во еден ден излегоа 50.000 луѓе и собраа 10.000 тони отпад за пет часа, чистејќи ја целата територија на земјата. Оттогаш моделот со еднодневно расчистување се спроведува во повеќе земји во светот, со постигнување на одлични резултати и голем процент на учество на целото население.

Намерата е да се поттикне активирање на јавноста на Република Македонија за лоцирање и чистење на расфрланиот комунален отпад, едукација за правилното отстранување, како и за штетите предизвикани од непланското фрлање отпад. Крајната цел е да се пронајдат одржливи решенија за придонесување кон чиста животна средина. Проектот вклучува комбинација на акции за лоцирање на отпадните микро-точки, акции за чистење на околината и образовни програми за развој на свеста за позитивните практики на управување со разни видови отпад.

Една од централните активности што се планираат годинава е организација на национален ден за чистење, кој ќе се одржи на 6 октомври 2012 година на територијата на цела Република Македонија. На тоа ќе му претходи помала пилот-акција во пет општини, која ќе се одржи на 21 април во Кисела Вода, Сарај, Дојран и Струга и на 22 април во Липково. Освен овие активности, се планираат и мапирачки настани за лоцирање на отпадот во природата директно во дигиталниот регистар, со што ќе се добие прегледност на постоечката ситуација на терен, како и едукативни настани за изнаоѓање начини за справување со овој предизвик во иднина на локално ниво.

Успехот на овој проект во голем дел ќе зависи и од вклучувањето на широката јавност, организациите, компаните и релевантните институции, во соработка со националните и локалните власти. Вклучувањето во Ајде Македонија! нуди можност секој да придонесе кон решавање на едно од најгорливите прашања од областа на животната средина во Република Македонија.

Вклучи се и ти, секој е добредојден!

Пријава за организации за вклучување во Ајде Македонија!